Деспотовски експресно го напушти Ираклис и се пресели во ПАОК

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Филип Деспотовски не е повеќе член на Ираклис, но ќе остане во Грција и понатаму.

34-годишниот техничар по две сезони во Динамо Букурешт реши да си замине и да тргне во нов предизвик. Понудата на Ираклис беше најдобра, па тој се согласи да игра кај јужниот сосед, арно ама, за брзо време следеше раскин на договорот.

Деспотовски кариерата ќе ја продолжи во Солун, каде ќе го носи дресот на ПАОК. Трансферот го потврдија и од таборот на грчкиот клуб со кого македонскиот одбојкар тренираше по раскинот со Ираклис.

Одбојкарот во кариерата играше уште и за Анагениси Деринеас (Кипар), Аркада Галаци (Романија), Тјумен (Русија), Динамо Букурешт (Романија), Томис Костанца (Романија), Залау (Романија) и Работнички (Македонија).