Дерби за врвот на двете скопски екипи на почетокот на женската одбојкарска пролет

Откако завршија со претколото од купот, македонските одбојкарки ќе се вратат на првенствените обврски со исклучително содржајното трето коло во Втората фаза. Во нејзиниот елитен сегмент, Работнички Скопје ќе го пречека тимот на Вардар жени 2019 кој досега забележа осум победи и е единствен со максимален ефект. Освојувачот на двојната круна во 2019-та претрпе пораз од Јанта волеј Кисела вода во есенскиот дел од шампионатот, но доколку ги совлада црвено-црните со 3-0 или со 3-1, по денешниот натпревар ќе го преземе водечкото место на табелата. Меѓусебниот дуел на ривалките е можност за Јанта волеј Кисела вода да напредува од третото место, или, пак, да остане на него, но да има ист број победи (осум) како и Вардар жени и Работнички Скопје. Се разбира, за да ја подобри позицијата пред решавачките битки, составот на Јанта волеј Кисела вода треба да ја заврши својата задача, а тоа е да го совлада Универзитет во Тетово, кој е на последното, шесто, место во Втората фаза-1. Четири триумфи како тетовки оствари и Наковски волеј во пресрет на локалното дерби со Струмица жени. Резултатот од овој меч ќе има директно влијание во битката за пласман во полуфиналето од елиминацискиот дел од сезоната. Екипата на Струмица жени има амбиција да биде во елитната четворка, досега забележа пет победи, така што доколку слави над одбојкарките на Наковски волеј, тогаш ќе биде два чекора пред саботниот ривал.

Осумте екипи во Втората фаза-2 играат за конечниот пласман во сезоната 2020/21, со забелешка дека тие што ќе се најдат на првите две места, односно ќе ја обезбедат седмата и осмата позиција во рангирањето, ќе го осигураат настапот во Првата лига и наредната сезона, дури и во случај да биде формирана Втора лига. Оттука, Јанта волеј Форца и Фит фан волеј можат да завршат голема работа со победа на домашен терен над Пелистер волеј, односно над Бами Кор. Во таков случај двата тима ќе имаат по шест триумфи, два пред најблискиот конкурент, а тоа е битолскиот тим. Во соочувањето со УГД Студент, Ускана ќе се обиде да се доближи на водечките и да им направи притисок за натамошниот дел од натпреварувањето, а Виктори волеј има само теоретски шанси за врвот во оваа конкуренција, затоа што во струмичката средба со Македонија Макс ќе истрча со биланс од две победи. Противничките немаат ниту една, но поради еден освоен бод, дното им го препуштија на одбојкарките на Бами Кор.

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (трето коло)
Работнички Скопје – Вардар жени 2019 (сабота, 18:00)
Јанта волеј Кисела вода – Универзитет во Тетово (сабота, 12:00)
Струмица жени – Наковски волеј (сабота, 17:00)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (трето коло)
анта волеј Форца – Пелистер волеј (сабота, 15:00)
Фит фан волеј – Бами Кор (сабота, 12:00)
Ускана – УГД Студент (сабота, 14:00)
Виктори волеј – Македонија Макс (сабота, 16:00)