• Зоран Мишевски
Со љубов, вера, надеж, со срце, душа и тело, со сè што што имаме - вака порачаа нашите одбојкари пред старот на Европското првенство. Македонија по третпат ќе игра на еден континентален собир, а првпат ќе биде и домаќин.
Натпреварот против Данска е наше отворање на групната фаза и можеби најзначаен натпревар.
Од стручен агол, одбојкарскиот тренер, Дејан Стојанов ги откри клучните детали пред дуелот со Скандинавците.
„Прв натпревар како домаќини што се надевам нема да биде мал притисок за добро да го отвориме натпреварот. Оваа репрезентација е најискусна што досега сме ја имале и знам дека домашниот терен ќе биде огромен мотив за прва победа која води до целта односно пласман во вториот круг.
Сервисот дефинитивно ќе биде најважниот елемент кој ќе треба да функционира за позитивен резултат. Се разбира и добар прием на сервис и што подобар процент на ефикасност во напад мора да се одржува во секој сет. Мораме да бидеме трпеливи поготово при падот во играта што покажавме дека ја имаме во одредени моменти и што побрзо да се враќаме во нашата игра.
Имаме сега веќе искусен коректор од противничка страна кој мора да се запре во неговата ефикасност, а тука стручниот штаб секако ќе ги затвори правците на напад од страна на противникот. Знам дека сме подобри и поквалитетни од Данската репрезентација и само со смирена и истрајна игра Македонија ќе радува на првата победа на овој шампионат.
Би додал уште за Савоски, кој преставува најдобро играчко освежување на позицијата среден блокер, и ќе биде еден од најефикасните играчи во нашиот тим, Манџуков секогаш вистински борец, секако Никола Ѓорѓиев и Љафтов својата улога како носители на играта ќе ја одржат во нивно високо ниво, Милев смирен и конзистентен во својата игра, техничарите ќе мораат двајцата добро да ги разиграа своите соиграчи. Овие момци имаат квалитет за големи успеси“, рече Стојанов.
Дуелот меѓу Македонија и Данска се игра вечерва од 20:00 часот, а во последните неколку дена интензивно се купуваат билети и се предвидува голема поддршка за нашите одбојкари.