Данците се откажаа, двата квалификациски турнири ќе се играат во Скопје

Откако минатата година имаа успешно деби на европските првенства, целта на македонските одбојкари е да остварат постојаност во учествата на континенталните собири. Шансата за тоа се зголемува со оглед дека нашиот главен конкурент во групата го откажа настапот во јануарските квалификации за претстојниот собир во септември 2021-ва. Поради ковид-ограничувањата, Данска нема да игра, па нашата селекција ќе се надмудрува со Турција и со Босна и Херцеговина за европска виза. Тоа е добра перспектива, ако се знае дека македонскиот национален тим е 49-та светска сила според актуелната ранг-листа на ФИВБ, а ЦЕВ го задржа форматот според којшто ќе бидат одредени 24-те репрезентации коишто ќе играат на шампиoнатот во Полска, во Чешка, во Естонија и во Финска.

Првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, како и петте најдобри второпласирани, ќе обезбедат европска виза. По откажувањето на Данците, за втор пласман во елитата едноподруго, според првичните калкулации, на генерацијата на капитенот Никола Ѓорѓиев ќе и бидат потребни две победи против Босна и Херцеговина со 3-0 и со 3-1, како и барем бод од двомечот со фаворитот Турција. Доколку црвено-жолтите успеат да освојат барем два сета во еден од натпреварите против 29-тата репрезентација на ранг-листата на ФИВБ, тогаш огромна ќе биде веројатноста повторно да играме на Европско првенство. Босанците се 69-ти на скалата, па со нив очекуваме максимални шест бода без загубен сет, затоа што објективно имаме поголем индивидуален квалитет, а и ќе сервираме против нив од позиција на 49-то рангирана светска сила.

Откако успешно аплицираше за организација на двата квалификациски турнира, ОФМ дополнително треба да го одреди и да го соопшти календарот и термините за натпреварите коишто ќе бидат одиграни во салата „Борис Трајковски“’ во Скопје. Перидот ќе биде од 10 до 17 јануари.