Браќата Ѓорѓиеви ја засилија македонската репрезентација

Откако ги завршија клупските обврски, браќата Ѓорѓиеви му се приклучија на македонскиот репрезентативен одбојкарски табор којшто се подготвува за јануарските квалификации за Европското првенство во 2021.

Пристуството на коректорот и капитен Никола Ѓорѓиев, како и на техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, ќе им овозможи на селекторот Матијашевиќ и на неговиот асистент Николиќ да одржуваат посилни и покомплетни тренинзи во пресрет на турнирот во Скопје од 11-ти до 16-ти јануари, кога во конкуренција на Турција и на Босна и Херцеговина, македонските одбојкари ќе се обидат вторпат да се пласираат на континенталените самити.

Претходно, утре и задутре, нашата селекција ќе ја тестира формата на два пријателски натпревара во Скопје против подмладениот состав на Бугарија. Потоа, македонските одбојкари ќе останат во изолација и ќе работат во арената „Борис Трајковски“ до 5-ти јануари кога ќе одат во Софија, каде што на Бадник и на Божиќ ќе одиграат уште еден тест двомеч со бугарскиот тим, којшто исто како и ние, преку квалификации во јануари треба да го заработи задоволството да учествува на континенталниот шампионат во септември во Полска, во Чешка, во Естонија и во Финска.

На софиските контроли, италијанскиот стратег Силвано Пранди, кој е на чело на бугарската репрезентација, се очекува да го искористи целиот играчки потенцијал на којшто смета за квалификациските дуели со Австрија и со Израел. Дотогаш и македонскиот тим ќе биде комплетен, затоа што по Нова година е планирано да пристигне техничарот Филип Деспотовски, кој се уште има клупски ангажман во Грција.