• Иван Димовски
Женската одбојкарска репрезентација се собра во Скопје пред настапот на Медитеранските игри. Со изменет и подмладен состав селекторот Милош Гавриловиќ ќе се обиде да го имплементира својот систем на игра пред одбојкарките.
По собирот денес своите очекувања од претстојниот турнир ги сподели Мери Бошковска, која кажа:
„Медитеранските игри претставуваат вистинска можност за да се развиваме ние како одбојкарки, ама и како репрезентација. Во овој циклус имаме противници кои се на наш ранг и на некое ниво на кое што сметам дека можеме да се носиме со нив. Поради тоа заедно треба да оствариме поконкретен резултат. Сметам дека сите ние како одбојкарки и целиот стручен штаб, како и целата репрезентација треба да има поголемо трпение со новиот систем кој ќе го воведе новиот селектор. Треба да се воиграме и да се покажеме во достојно светло, за да бидеме задоволни од прикажаното. Како млада репрезентација сметам дека овие натпреварувања се доста значајни за понатаму да можеме да се носиме со некои поконкретни противници и да покажеме подобра игра“.
Македонија на Медитеранските игри во Таранто ќе игра во групата Б против селекциите на Грција, Турција, Алжир и Косово.