Бошковиќ, Ковачевиќ, Ковач - Србите ги собраа одбојкарските награди на годината

Синоќа на гала свеченост во Софија, Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ) ги прогласи најдобрите за годината која што изминува. Првпат во историјата една земја слави две злата на континенталните собири во одбојка, па така очекувано српските одбојкари и одбојкарки ги собраа признанијата на изборот.

Тијана Бошковиќ во женска и Урош Ковачевиќ во машка конкуренција се прогласени за одбојкар и одбојкарка на годината, а српскиот селектор Слободан Ковач е тренер на годината во машка конкуренција, Италијанецот Масимо Барболини е најдобар тренер во женска конкуренција.

Награда за животно дело добија неколку одбојкарски работници, а наградена беше и легендарната италијанска одбојкарка Франческа Пичинини, која замина во пензија.

Церемонијата се одржа во хотелот „Маринела“ во Софија, а присуствуваа видни гости од светот на овој спорт.