Ангеловски: Ова се најдобрите кондициски подготовки во мојата кариера

Петте мавровски недели полека се приближуваат кон крајот. Македонските одбојкари со сигурност спремни ќе го дочекаат Европското првенство. Физичката подготвеност треба да биде наш адут на шампионатот, а и самите одбојкари потврдуваат дека никогаш не работеле подобри подготовки нa физички план.

„Кога ќе видите дека имаме француски кондиционен тренер, знаете дека нема промашување. Ова се најдобрите кондициски подготовки, па иако има мали повреди, тоа е заради планираниот зголемен интензитет.

Мислам дека добредојдени ќе ни бидат овие подготовки за физичкиот дел, а за тактичкиот ќе зборуваме малку подоцна. Презадоволни сме како работиме тука во Маврово и до 15 август ќе бидеме перфектни.

Ние сме нови на Европско првенство, можеме секого да изненадиме, а шансата треба да биде натпреварот на отворањето против Финска. Стартот ќе ни го обележи шампинатот“, вели нашиот либеро Дарко Ангеловски. 

Ситните повреди на Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков не загрижуваат премногу и двајцата наскоро ќе му се стават на стручниот штаб на располагање.