Ангеловски: Чувствуваме голема возбуда поради дебито на ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација е на крајот од првата подготвителна фаза за Европското првенство. Селекторот Никола Матијашевиќ закажа втора прозивка на 14 јули во Маврово кога ќе започнат посериозните подготовки.

Либерото на репрезентацијата Дарко Ангеловски вели дека тој и неговите соиграчи се возбудени за можноста да ги одмерат силите со најдобрите селекции во Европа.

„Од ден на ден возбудата расте, иако до Европското првенство има уште многу време. А ако се размисли подобро, и нема премногу време. Затоа се повеќе ја чувствуваме возбудата што кај нас ја предизвикува дебитантското учество на еден голем настан. На среќата и нема крај“, вели македонскиот репрезентативец.

Групната фаза за Македонија ќе донесе средби со бранителот на титулата Русија, Турција, Финска, Словенија и Белорусија.