Американско засилување за Пелистер Волеј: Од Атланта во Битола пристигна Џејд Вотсон

Пелистер Волеј продолжува со засилувањата за новата сезона, а ново име во редовите на битолскиот клуб е американската одбојкарка Џејд Вотсон, која доаѓа од престижниот универзитетски тим на Лајф Универзитет во Мариета, Џорџија.

Станува збор за 22-годишна коректорка, висока 186 сантиметри, која зад себе има богата одбојкарска школа во САД. Кариерата ја започнала во Атланта Бум, а потоа настапувала и за Цунами и A5 Клуб од Розвел, пред да се пресели во универзитетската конкуренција каде настапуваше за Лајф Универзитет.

Во Пелистер пристигнува по одлична сезона во која беше еден од најдобрите напаѓачи во конференцијата. Вотсон беше избрана во идеалниот тим на ССАЦ конференцијата, ја понесе наградата за најкорисен играч (МВП) на својот тим, а се најде и меѓу десетте најдобри одбојкарки според бројот на освоени поени со напад, како и според просечниот број на поени по сет.

Во Пелистер очекуваат Американката да биде едно од главните офанзивни оружја и големо засилување во нападот за претстојната натпреварувачка сезона.