Александар Боричиќ ќе го води ЦЕВ уште еден мандат

Досегашниот претседател на Европската одбојкарска конфедерација, Александар Боричиќ, ја доби довербата да биде на чело на европската одбојка и во претстојните четири години. На 41-от Конгрес на ЦЕВ во Виена, 36 од вкупно 55 делегати гласаа за Боричиќ, а неговиот противкандидат, Естонецот Хано Певкур, имаше поддршка од 19 национални федерации.

Откако ја презеде претседателската функција во ЦЕВ во октомври 2015-тата, Боричиќ и неговиот тим ја реобликуваа одбојкарската организација и креираа нова перцепција за нејзиното функционирање, со тоа што го поттикнуваа чувството за солидарност меѓу сите членки на континенталното одбојкарско семејство, особено во актуелниот период со огромни предизвици поради здравствената криза.

Пред кариерата како спортски работник, 72-годишниот Боричиќ беше успешен одбојкар и тренер, а во перидоот од 1992-ра до 2016-тата се наоѓаше на чело на Одбојкарската федерација на Југославија, а потоа на Одбојкарската федерација на Србија и на Црна Гора и на Одбојкарската федерација на Србија. Докажаниот пријател на македонската одбојка, господинот Александар Боричиќ, ја извршуваше функцијата потпретседател на ЦЕВ се до почетокот на првиот претседателски мандат, а во овој период е и актуелен втор извршен потпретседател на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ).