„Аѕурите“ ја симнаа „круната“ на Србија и закажаа меч за златото со Словенија!

Во финалето на Европското првенство во одбојка, кое го организираат четири земји, а финалниот турнир се игра во Катовице, ќе играат Италија и Словенија. Контитентот ќе добие нов владетел, откако Србија мораше да го предаде приматот во второто полуфинале, играно вечерва.

Одбојкарите на Италија, кои значително го подмладиот својот составот по неуспехот на олимпискиот турнир (елиминација од Аргентина во четвртфиналето), во четири сета беа подобри од Србија на Слободан Ковач со (29-27, 25-22, 23-25, 25-18). Дуелот траеше два часа, а скоро во сите клучни моменти „аѕурите“ беа помудри и подобри. 

Дури шеснаесет години Италијанците чекаа триумф над Србија на Европските првенства и по победата во 2005 година, вечерва пак се израдуваа. Микилето со 23 и Пинали со 17 поени беа најдобри италијански одбојкари, а кај Србија се истакнаа Ковачевиќ со 16 и Подрашчанин со 13 поени.

Финалето се игра утре од 20.30 часот, а претходно во борбата за третото место ќе се сретнат Србија и Полска.