Арсенал ќе го предизвика Челзи за спас на сезоната, Европа и титула во ФА Купот

Челзи со пласманот во Лигата на шампионите ја исполни главната цел, но сака да ја круниса сезоната со освојување на ФА Купот и така да ги спречи „топџиите“ да излезат на меѓународната сцена по точно четвртина век.

Пласманот во Лигата на шампионите беше главна цел и на Челзи и на Арсенал. Меѓутоа, тоа што едните си ги остварија амбициите, а другите не, не значи дека првите ќе бидат помалку мотивирани во финалето на ФА Купот. „Сините“ успеаја да го исполнат зацртаното и го завршија првенството на четвртата позиција, во што удел имаа нивните добри резултати во финишот, како и драстичниот пад на формата на Лестер. Притоа, момците на Френк Лампард теоретски и понатаму можат оваа сезона да го освојат најквалитетното европско фудбалско натпреварување, но малку е веројатно во реваншот од осминафиналето да надоместат за поразот од 3-0 кој го претрпеа од Баерн Минхен на „Стемфорд Бриџ“ уште во месец февруари.

>>> Погледнете ги сите квоти за мечот меѓу Арсенал и Челзи

Од другата страна, триумф во лондонското финале е единствена шанса за фудбалерите на Арсенал да ја избегнат судбината на генерацијата од 1995 година, последна која не обезбеди излез на европската сцена. „Топџиите“ во првенството беа дури осми, а од Лигата на Европа се простија уште пред пандемијата со ковид-19, кога испаднаа од Олимпијакос. Избраниците на Микел Артета, кој екипата ја презеде пред крајот на декември, продолжија со лоши игри по паузата, но од крајот на јуни забележаа неколку одлични резултати, од кои најголемо изненадување беше победата над Манчестер Сити во полуфиналето на ФА Купот. И Челзи во претходната рунда беше подобар од Манчестер Јунајтед, но иако „ѓаволите“ беа во сјајна форма, тој триумф не беше толку шокирачки како оној на Арсенал против „граѓаните“, екипа која беше бранител на трофејот.

Ова финале ќе биде еден вид реприза на она од сезоната 2016/17. Тогаш Арсенал славеше со 2-1, меѓутоа сега улогата на фаворит му припаѓа на Челзи кој сигурно ќе даде сè од себе за да не ја повтори грешката на Манчестер Сити и да го потцени ривалот. Интересно е што ова ќе биде само трети пат како овие екипи се состануваат во мечот за титула во најстарото англиско фудбалско натпреварување. Првата таква средба беше пред 18 години, кога „топџиите“ славеа со 2-0, иако и едните и другите имаа доста успеси во натпреварувањето - Арсенал го има освоено ФА Купот рекордни 13 пати, додека Челзи осум пати се радувал на трофејот.

Артета има малку повеќе кадровски проблеми – голманот Бернд Лено и понатаму е повреден, како и Габриел Мартинели, Шкодран Мустафи, Пабло Мари и Калум Чејмберс, додека физичката подготвеност на некои други играчи уште се проценува. Лампард нема да може да смета на Вилијан и Били Гилмур, а под знак прашалник е настапот на Нголо Канте.