Женското дерби за битолчанки, Цане Поповски избран за играч на второто коло во МКЛ

Викендов, во кугланите во Битола и Скопје се одиграа сите натпревари од второто коло од новата сезона во Првата кугларска лига на Македонија, а фаворитите без многу проблеми впишаа нови бодови на табелата.

Натпреварот меѓу Макпетрол Б и Вардар А, беше чиста формалност со предвидлив исход, а она што е за издвојување е одличната форма на Коста Манев, кој уште еднаш ја повтори цифрата од 593 и е убедливо на врвот на поединечните просеци. 

Битолскиот натпревар помеѓу екипите на Пелистер А и Пелистер Б беше јасен однапред, но на овој натпревар беа постигнати одлични цифри и еден личен рекорд на капитенот на Пелистер, Цане Поповски со 609 дрва. Поповски воедно е и прогласен за играч на второто коло.

Очекувана победа забележа и ГТЦ Мусандра над вториот тим на Вардар, а на оваа средба одличниот резултат оствари Менсур Ајдин со 564 соборени дрва.

Највозбудливо беше во Битола, на женското дерби меѓу Пелистер Пин и ГТЦ Мусандра, на кое поуспешни беа домашните кугларски, победувајќи со 6-2. Ова коло слободен беше шампионот Макпетрол.