Заврши „летниот одмор“ за кугларите – новата сезона стартува во октомври

Како и останатите шампионати во Македонија, така и кугларскиот поради пандемијата со коронавирус не го дочека својот крај во минатата сезона. Долго време кугларските клубови од нашата држава мируваат, но не уште долго, затоа што Федерацијата веќе донесе одлука за новата натпреварувачка сезона.

Во изминатиов период Извршниот одбор на кугларската федерација имаш интензивни состаноци во кои се разговараше како и кога ќе започне новата сезона, а синоќа беше ставен крај на сите дилеми и познат е датумот кога ќе стартува новата сезона. 

  • Заклучоците на последниот состанок на КФМ:

- Македонската кугларска лига за сезона 2020/21 година ќе започне на 17 октомври 2020 во која ќе учествуваат седум екипи (нема да учествува само Империјал Тобако)
- Редовно годишно собрание КФМ ќе има во недела на 4 октомври 2020 (online)
-Натпреварувачка комисија донесе строги протоколи за сите учесници во натпрeварите усогласени со протоколите на самите куглани и Здравствена комисија на државава поврзани со вирусот ковид-19 кои доследно ќе мора да се почитуваат.
-Одлучено е да се одржат поединечните државни првенства во сите возрасни категории
-Преодниот рок за играчи ќе биде од 1-5 октомври
-Распоредот на активностите за есенскиот дел ќе биде објавен најдоцна до 1 октомври.

Шест од седумте екипи кои ќе се натпреваруваат во новата сезона, веќе пријавија учество и во европските купови, но поради ситуацијата со коронавирусот можни се промени.