• Горан Упале

Во кугланата при спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола започна амбициозниот проектот на кугларите на Пелистер, „Кугламе и сме среќни“. На вчерашниот прв ден со кугларските вештини се запознаа 36 ученици од две основни училишта од Битола, а тајните на оваа игра им ги откриваа најдобрите битолски куглари Игор Михајловски и Цане Поповски.
Од Пелистер информират дека активностите од овој проект ќе траат до крајот на годинава и сите ученици од Општините Битола, Могила и Новаци ќе добијат шанса да куглаат бесплатно. Се очекува да се пријават над 400 ученици, а оние кои ќе покажат најголем напредок, интерес, афинитет и талент кон куглањето, ќе можат апсолутно бесплатно да ги уживаат бенефициите од партнерите и пријателите на битолскиот клуб.
Покрај Игор Михајловски и Цане Поповски, тренерската работа ќе биде директно раководена и од страна на тренерите Пеце Димовски, Димитар Димитровски, Бојан Влаќевски, Адриана Ангеловски, Александар Соколовски (Македонија), како и од Јован Керецки и Рожа Писар (Србија).
Сите активности на учениците, вклучувајќи ги тренинзите, обуките, турнирите, гостување во Скопје ќе бидат во целост покриени од страна на ЗГ „Нови перцепции“.



