• Горан Упале
Машката кугларска репрезентација на Македонија ги започна подготовките за Светското првенство во Унгарија. Нашите куглари одново ќе бидат дел од светскиот крем во овој спорт, а својата форма ќе ја билдаат во спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Од Кугларската федерација на Македонија испратија искрена благодарност до директорот на „Борис Трајковски“, Данијел Апостолски и најавија нов успешен настап на местото каде досега го забележавме најголемиот успех во историјата – вицешампиони во 2013 година.
„Во најтешкиот период за македонското куглање кој трае веќе подолго време, кога слухот за помош не е присутен, кога со крајни сили чукаме на секоја врата без надеж дека ќе биде отворена, се појави малку сонце за репрезентативното куглање преку исклучиво спортскиот и благороден потег на директорот на С.Ц „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски кој дозволи репрезентативни тренинзи како припреми за претстојното светско екипно првенство во Унгарија кое почнува на крајот на мај.
Се надеваме овој потег ќе го следат и други клучни фактори за преживување на најуспешниот репрезентативен спорт во македонската историја (светски вицешампиони во Унгарија, 2013). Се враќаме на местото на "злосторот" оваа година со големи надежи за добар настап и достојна презентација на мак куглањето. Неизмерна благодарност до директорот Данијел и неговиот тим“, велат од федерацијата.
Инаку, нашите најдобри куглари подготовките за Светското првенство ги започнаа со гостување во Србија, каде ги одмерија силите со една од најдобрите селекции во регионот.