• Горан Упале

Со четири натпревари одиграни во кугланата „Мусандра“ во Скопје, викендов заврши уште едно коло од Првата кугларска лига на Македонија.
Највозбудливо беше на дуелот на вторите екипи на Вардар и Пелистер. Битолчани одлично го започнаа дербито и имаа предност од 2-1, но „црвено-црните“ успеаја да се вратат во ритам и извојуваа победа од 5-3, со само 16 дрва разлика. Поените за Вардар Б ги освоија Митиќ, Стојановски и Гиевски, додека за Пелистер Б поентираа Ристевски, Колев и Божиновски.
Првиот тим на Вардар 2014 беше домаќин на девојките од Пелистер Пин. Овој натпревар заврши според очекувањата и без поголеми возбудувња, бидејќи битолските девојки немаа сила да освојат ниту еден поен, а вардарци уште еднаш потврдија дека поседуваат квалитет за висок дострел оваа сезона. На овој натпревар за истакнување е најдобриот резултат на третото коло од Димитар Димитровски - 598 и кај девојките Андреа Вељановска со 523 дрва.
На останатите два натпревари шампионот Макпетрол со убедливи 6-2 славеше во братското дерби со Макпетрол Б, додека кугларките од ГТЦ Мусандра запишаа пораз од своите машки колеги (2-6).