Вардар ја доби драмата во Битола, стартуваше новиот кугларски шампионат

Летниот одмор заврши. Кугларите им се вратија на своите обврски и викендов се одигра првото коло од МКЛ, а ако по утрото се познава денот, можеме да констатираме дека драматичноста нема да недостига и оваа сезона.

Во дерби натпреварот од првото коло во Битола помеѓу Пелистер 1982 А како домаќин и Вардар 2014, вардарци беа подобри за само 9 дрва и во Скопје се вратија со драгоцен плен и победа од 3-5. Свој фантастичен ден имаше Коста Ристевски кој воедно беше и играч на натпреварот со 579, а одлични ден имаа и Дарко Димитровски и Пецо Димовски. Кај пелистерци добра игра покажаа само Влатко Трајчевски и Никола Андоновски, но тоа не беше доволно за победа.

Уште еден крајно неизвесен натпревар беше одигран исто во Битола помеѓу женската екипа на Пелистер Пин и Макпетрол Б. Девојките од Битола беа во константно водство од 80+ дрва сè до 300-тата кугла кога натреварот веќе се решаваше. Сепак, младите кугларки од Битола не успеаја да го издржат притисокот и рутински да ја зачуваат предноста, па на крајот Макпетрол Б во последните кугли успеа да дојде до предност од 20 дрва и победа од 3-5.

Макпетрол А во Скопје рутински славеше против девојките на ГТЦ Мусандра, додека машката екипа на ГТЦ Мусандра во Битола убедливо го доби домаќинот Пелистер 1982 Б екипа со 2-6.