ФОТО: Успешно реализиран вториот предновогодишен турнир на „Кугламе и сме среќни“

По ланскиот рецепт, и оваа година кугланата при спортската сала „Боро Чурлевски“ беше главно собиралиште на фановите на овој спорт во Битола, каде што се одржа вториот предновогодишен ревијален турнир од проектот „Кугламе и сме среќни“. 

На истиот настапуваа 12 екипи со по четворица натпреварувачи, а секоја екипа имаше по еден учесник од помогателите на овој проект, кој зема сè поголем замав кај младите битолчани. Меѓу гостите свој претставник имаше и Gol.mk. Со оглед на ревијалноста победник немаше, а сите учесници беа наградени со подароци.

Дека овој проект е популарен во цела Македонија, не само во Битола, говори видео-пораката од страна на популарните Игор Џамбазов и Пере Нокаут, кои дадоа голема поддршка. 

На самиот почеток од страна на модераторот на настанот Марта Ѓоргиевска беше презентиран концептот и уникатноста на идејата која овозможи преку 600 ученици од основните училишта апсолутно бесплатно да учествуваат, куглаат, забавуваат и дружат.