Тројца наши куглари со нови златни медали од големите натпреварувања

Македонските куглари продолжуват со одличните резултати на меѓународно тло, откако овој викенд се закитија со нови три златни медали од големи настани. 

Бојан Влаќески и Бранко Манев со КК Запрешич доминантно успеаја да слават на Светски Куп, кој се одржа во Хрватска. Нашите куглари кои воедно се и најдобри во својот клуб, во финалето го совладаа германскиот Рот Вајс Зербст, за кого настапува уште македонски куглар, Борис Бенедик. 

Димитар Димитровски, кој ги брани боите на КК Мертојак Сплит, се закити со златото од Европскиот Куп, кој овој викенд се играше во Сарајево, БиХ. Во финалната средба хрватскиот тим повторно совлада германски, односно Викторија Бамберг.

Жалосно е што со вакви успешни куглари, кои долги години носат само медали од меѓународни натпревари, Македонската кугларска федерација сè уште не може да се избори за репрезентативен тим, кој сигурно достојно ќе ја претставува својата држава.