Стефанија Алексовска е деветта во Европа во куглање за јуниори

Кугларката на екипата на Пелистер Пин, Стефанија Алексовска, имаше забележителен настап на Европското првенство (ЕП) за јуниори (У23) кое се одржа во Апатин, Србија, каде го освои деветтото место.

На Европското првенство, Стефанија Алексовска имаше одличен прв настап и со срушени 571 дрва успеа да се квалификува во 1/8 финалето како петтопласирана (од вкупно 31 учеснички од 12 земји од Европа) каде испадна од Аурора Пекосак од Словенија.

Соочувањето на Македонката и Словенката заврши со резултат 2-2 во сетови, но Алексовска испадна заради -11 дрва и не успеа да дојде до место во четвртфиналната фаза на европскиот шампионат.

„Постигнатиот резултат на Стефанија за многумина одличен, е одраз на сите нејзини репрезентативни и клупски настапи, акомулираното искуство во изминатиот петгодишен период и секако нејзината војла и упорност да ги одработува напорните тренинзи правилно. 
Како нејзин тренер сум и помалку разочаран од овој нејзин успех, беше спремна за повисок дострел, но покрај тоа што спортската среќа не беше наш сојузник, се боревме и за нејзиното здравје пред и за време на првенството,  бидејќи нејзиниот имунитет поради вирус беше опаднат што сериозно го дефокусираше нејзиното внимание и концентрација. Тоа секако и се одрази на нејзината игра.

Но, тоа е веќе зад нас, очекувам ова мое тврдење да го потврди Стефанија на наредно големо меѓународно натпреварување. Радува фактот што нова генерација на млади куглари како Емилија и Владимир се појавуваат, потребно е вложување енергија, време и ресурси како би можеле во иднина достоинствено своите квалитети да ги мерат на меѓународна сцена“, изјави Игор Михајловски, тренер на женскиот клуб Пелистер Пин од Битола и претседател на Македонската кугларска федерација.

На ова првенство настапија и Емилија Илијевска (Пелистер Пин) и Владимир Талевски (Пелистер 1982) во спринт. Двајцата дебитираа на големите натпреварувања. Беа дел од У19 категоријата во Европа, иако имаат по 16 години и се натпревауваа со постари. Двајцата испаднаа во втората фаза на шампионатот.