„Прво не нè погледнуваа, а по двете сребра станавме главни ѕвезди“: Македонските куглари за историското СП

„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.

Во второто издание на оваа кампања, запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни, откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.

Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.

Во најновото интервју, ви ги претставуваме Стефанија Алексовска (22), Андреа Велјаноска (22) и Дарко Јовановски (22), млади македонски куглари кои на последното Светско јуниорско првенство одржано во Австрија забележаа историски успеси и освоија два сребрени медали.

Андреа, Стефанија и Дарко во светот на куглањето влегле на само 14 години, преку проектот „Кугламе и сме среќни“, иницијатива на нивниот селектор Игор Михајловски. Додека Дарко уште со првата фрлена кугла почувствувал дека го пронашол својот спорт, Андреа и Стефанија на почетокот не биле ни сигурни дека сакаат да продолжат. Неколку години подоцна, токму куглањето ги однесе на светската сцена и им донесе медали на најголемите натпреварувања.

„Првпат во кугланата влеговме на четиринаесет години, благодарение на проектот 'Кугламе и сме среќни'. Искрено, на почетокот воопшто не се пронајдовме во овој спорт. Не нè привлекуваше доволно и дури размислувавме да се откажеме.“

„Сепак, откако поголемиот дел од нашите соученици многу брзо се откажаа, некако ни беше незгодно и ние да го направиме истото. Голема поддршка во тој период ни беше и нашата наставничка по физичко воспитување Милена, која постојано нè охрабруваше да продолжиме.“

„За наша среќа, многу брзо почнавме да напредуваме. Тогаш сфативме дека можеби токму куглањето е спортот во кој можеме да се пронајдеме. Само по неколку месеци, веќе се чувствувавме како вистински спортисти, а со секој нов тренинг и натпревар сè повеќе го засакувавме“, во еден глас ни раскажаа Андреа и Стефанија.

Приказната на Дарко започнува на истото место, но неговата љубов кон куглањето била инстантна.

„И јас ја започнав кариерата преку проектот 'Кугламе и сме среќни', кој за мене беше еден од најубавите проекти и ни овозможи многу дружење. Токму таму се роди мојата желба да продолжам да напредувам и да постигнувам успеси. Уште кога ја фрлив првата кугла, знаев дека сакам да се трудам, да се борам и еден ден да постигнам нешто значајно. Успехот што подоцна го постигнав беше и поголем од она што го очекував, но верувам дека со желба, работа и мотивација може многу да се постигне“, вели Дарко.

Нивниот напредок бил брз, а по само три години сериозен тренинг, дошол и моментот за кој секој млад спортист сонува – првиот настап за националната репрезентација. Во 2021 година, Андреа и Стефанија, на 16-годишна возраст, заедно со селекторот Игор Михајловски отпатуваа во Словенија на своето прво Светско јуниорско првенство. Турнирот се одржа во периодот на најстрогите ковид-рестрикции, па и самото патување било искуство за себе.

„Имавме само 16 години и многу малку искуство, но решивме да одиме на Светското првенство во Словенија, кое се одржуваше во екот на пандемијата. Секој ден правевме тестови, чекавме резултати и дури потоа размислувавме за настапите. Немавме некои големи очекувања. Сакавме само да почувствуваме што значи да бидеш дел од голема сцена. Јас (Стефанија) стигнав до финале и искрено, во тој момент не бев ни свесна што се случува. Не ни знаев дека ќе се натпреварувам со најдобрите десет.“

„Најголем проблем ни беше публиката. На такви натпревари има навивање и атмосфера каква што дотогаш немавме почувствувано. Но, штом ќе застаневме на патеката, заборававме на сè. Постоевме само ние и куглите. Тоа Светско првенство беше огромно искуство и многу ни помогна во понатамошниот развој“, се присетуваат двете кугларки.

Паралелно со репрезентативните настапи, Андреа и Стефанија започнуваат да се натпреваруваат и на меѓународни турнири. Еден од првите големи моменти е турнирот во Ковачица, каде што го освојуваат својот прв медал.

„Турнирот во Ковачица беше исклучително силен, бидејќи настапуваа куглари од целиот регион, но и од пошироко. Во тој период, трениравме во старата куглана во Битола, а таму нè пречека целосно нова куглана и веднаш ја почувствувавме разликата.“

„Нашиот дотогашен максимум во Битола беше околу 490 соборени дрвца, а во Ковачица стигнавме и до 550. Тоа за нас беше огромен скок и ни донесе бронзен медал во екипна конкуренција. Тогаш сфативме дека можеме да се носиме и со многу посериозна конкуренција“

Успесите во Ковачица се само почеток. Следуваат настапи во домашното првенство, каде што младите куглари три сезони се доминантни, па им се засилува желбата за нови предизвици.

„По тој турнир, започнавме да се натпреваруваме и во домашното првенство. Три сезони бевме неприкосновени, па почувствувавме дека мораме да најдеме нов предизвик и дополнителна мотивација.“

„Затоа решивме да настапиме на Светското јуниорско првенство во Австрија. Знаевме дека тоа можеби ќе биде нашата последна шанса за медал во јуниорска конкуренција, па подготовките ги започнавме многу порано. Бевме максимално посветени на секој тренинг и натпревар. Тогаш за првпат почувствувавме дека влегуваме во еден поинаков, посериозен и професионален ритам. Тоа ни беше дополнителен мотив да се покажеме во најдобро светло“, велат нашите надежи куглари. 

Во Австрија конкуренцијата била на највисоко можно ниво. На првенството настапуваат младите кугларски сили на Словачка, Германија и Хрватска, со натпреварувачи кои веќе имаат искуство и во сениорска конкуренција. Но, наместо страв, тоа кај македонската тројка создава дополнителен мотив. На првиот ден, доаѓаат одлични настапи во сингл конкуренција. Дарко и Андреа за малку остануваат без пласман во завршницата, додека Стефанија повторно блеснува, изборувајќи место во финалето.

Вториот ден од натпреварувањето носи уште поголема радост: Дарко и Стефанија го освојуваат првиот медал во конкуренцијата тандем микс.

„По настапите во првиот ден, сфативме дека можеме да одиме уште повисоко. Почнавме да 'чистиме' сè пред нас. Бидејќи Македонија беше рангирана меѓу послабите селекции, уште од стартот игравме против најдобрите, но тоа на некој начин ни го олесни патот. Немавме простор за калкулации. Додека бевме свежи, минавме две кола, а потоа во полуфиналето нè чекаше драматичен меч против Чешка. Успеавме да победиме и да стигнеме до финалето.“

„За жал, во битката за златото немавме сили за уште еден подвиг и загубивме од Словенија. Но, тоа сребро за нас светеше како злато. Знаевме од каде тргнавме, низ што поминавме и против каква конкуренција стигнавме до финалето. Тој медал ни покажа дека со работа, верба и упорност Македонија може да се најде рамо до рамо со најдобрите“, велат Дарко и Стефанија.

Следниот ден носи уште еден историски резултат за македонското куглање. Андреа и Стефанија стигнуваат до големото финале во дисциплината тандем жени и освојуваат сребрени медали. Во првото коло, Македонките ја совладаа силната селекција на Хрватска, а потоа беа подобри и од Полска. Во четвртфиналето следуваше драматичен дуел со Чешка, кој беше решен по двојни пенали, додека во полуфиналето убедливо ја совладаа Романија и обезбедија место во битката за златото. Во финалето, сепак, немаа доволно сили и минимално загубија од Словачка.

„Во првото коло игравме против една од најдобрите селекции – Хрватска. Знаевме дека ќе биде многу тешко, но по големиот успех од претходниот ден, влеговме многу опуштено и тоа ни донесе позитивен резултат. Потоа следуваше Чешка, натпревар кој беше неверојатно тензичен и драматичен. Славевме по двојни пенали, па селекторот веројатно ќе доживееше инфаркт од драмата, но за среќа, сè заврши во наша полза“, низ смеа раскажуваат Андреа и Стефанија.

По рутинската победа над Романија во полуфиналето, следуваше и големото финале.

„Во битката за златото бевме надиграни од Словачка, но и среброто за нас беше огромен успех. Ова е резултат со кој сме исклучително горди, како ние, така и нашиот селектор.“

Дуелот со Чешка донесе и уште еден неверојатен момент. Македонките соборија 321 дрвце, резултат кој во тој момент беше нов светски рекорд во тандем жени.

„Кога стигнавме до 321 соборено дрвце, знаевме дека сме направиле нешто големо, но воопшто не бевме свесни дека сме го срушиле светскиот рекорд. Само неколку моменти подоцна, на соседната патека, Германките соборија 325 и го презедоа рекордот. Така, накратко, ние бевме светски рекордерки. Пред СП најдобриот резултат во оваа дисциплина изнесуваше 317 соборени дрвца“, откриваат македонските кугларки.

Покрај медалите и спортските успеси, македонските репрезентативци од Австрија со себе носат и една посебна приказна.

„Кога првпат влеговме во салата, никој не нè ни погледнуваше. Но, како што редевме победи, почнавме да ги освојуваме симпатиите и на публиката и на останатите натпреварувачи. На крајот, по освоените медали, можеме слободно да кажеме дека бевме едни од главните ѕвезди на шампионатот. Сите сакаа да разговараат со нас, да се фотографираат, да побараат автограм... Тоа чувство е бесценето и никогаш нема да го заборавиме. Од аутсајдери стигнавме до две сребра, а кугларската публика во Австрија знаеше како да го награди тоа.“

На крајот од разговорот, тројцата открија и што би правеле доколку животот не ги однел кон куглањето.

„Пред куглањето, мојата најголема љубов беше кошарката. Бев многу навлезена во тој спорт и искрено верував дека еден ден ќе станам кошаркарка. Тоа беше нешто што природно ми одеше од рака. Поминував многу време играјќи и следејќи кошарка, а нормално, мој идол тогаш беше Леброн Џејмс. Мислам дека токму кошарката уште од мала ме научи да ја сакам натпреварувачката страна на спортот, а можеби токму таа љубов подоцна ме одведе и кон куглањето“, рече Стефанија.

„Ако не се занимавав со куглање, можеби ќе се посветев на цртањето. Кога бев помала, пред да започнам со куглањето, многу уживав во тоа и цртањето навистина ми одеше од рака. Но, кога почнав посериозно да се занимавам со куглање, целиот фокус го насочив кон него и постепено престанав да го развивам тој талент. Сепак, убаво е што и денес знам дека имам нешто што некогаш ми било голема страст“, откри Андреа.

„Јас порано посетував играорна група и навистина бев многу навлечен во тоа. Бев и доста добар. Но, со текот на времето таа желба се згасна, а кога подоцна се запознав со куглањето, веќе целосно го баталив играњето. Ако не беше куглањето, веројатно ќе продолжев со играорна, а одев и на фудбал. Сепак, играорната имаше посебно место кај мене. Но, судбината направи пресврт и од мене направи куглар“, заврши Дарко.

Од првото влегување во кугланата на 14 години, кога размислувале дали воопшто да продолжат, до светскиот подиум. Патот на Андреа, Стефанија и Дарко е доказ дека големите спортски приказни често имаат скромни почетоци.