Пресврт! Кугларите сами ќе си ги плаќаат трошоците, Македонија ќе игра на СП во Вараждин

Иако пред само неколку дена, новото раководство на Кугларската федерација на Македонија, предводена од претседателот Игор Михајловски, донесе тешка одлука да не ги пријави своите репрезентации, сепак Македонија ќе игра на Светското првенство во Вараждин, идната година.

<<< ПОВРЗАНО - Македонија нема да игра на СП: „Државата и АМС мора да најдат решение на деценискиот проблем“

„Куглањето е магија сама по себе, но она што денес се случи, ретко се гледа во македонскиот спорт“, велат од кугларската федерација.

Без разлика на тешките услови и донесената конечна одлука на КФСМ да не биде пријавено учество на идното Светско екипно првенство поради финансиски проблеми, македонските кугларски репрезентативци со свои лични средства, обединети во желбата за настап за својата земја, го сменаа текот на настаните. 

Во последен момент од страна на претседателот на КФСМ беше ургирано во Светската кугларска федерација и благодарение на претходните високи достигнувања на македонските репрезентативци е дозволено задоцнето пријавување и Македонија ќе ја игра на Светското првенство. Пријавени се и машка и женска сениорска репрезентација.