Пораз од Србија и достоинствен крај за македонските куглари на Мундијалот

Со очекуван и предвидлив пораз од Србија, македонската кугларска репрезентација го заврши настапот на Светското првенство во Прага. По подолго време нашите куглари одиграа големо натпреварување и покажаа дека нашата земја има што да каже во овој спорт и на големата сцена.

Првиот човек на македонското куглање, Предраг Николиќ го анализираше последниот натпревар против соседите.

„На српските 3.961 кегли, ретко кој ќе може да им парира на ова Светско првенство, па логично е што загубивме со 7-1. Ние искуглавме квалитетно и освоивме 3.723 кегли. За истакнување на овој натпревар беа Бојан Влаќевски со 667 и освоен поен, Димитар Димитровски со 654 и Борис Бенедик со 639 кегли. Прилика да куглаат добија младите Младен Донковски, кој заврши со 588 и Ибрахим Мемеди со 277 од две патеки, заменувајќи го стандардниот Сашко Трпковски“, рече Николиќ.

Претседателот вети дека во наредниот период макотрпно ќе се вложи со својот тим да работи во подобрување на условите и можностите на федерацијата како за сениорските категории, така и за младинските како во машка така и во женска категорија.