• Горан Упале
Јуниорската репрезентација на Македонија забележа уште еден историски успех на Светското првенство во Австрија. По вчерашниот во категоријата тандем микс, во која Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски стигнаа до сребрениот медал, вечерва на второто место од подиумот се искачија и селекцијата во тандем жени.
Стефанија Алексовска и Андреа Велјаноска имаа неверојатен ден, исполнет со многу борба и емоции, а на крај и сребрен медал. Алексовска и Велјановска во првото коло беа подобро од соодветната селекција на Хрватска, потоа сигурна победа извојуваа над Полска. Во четвртфиналето совладана беше селекцијата на Чешка, во полуфиналето падна Романија, додека во финалето немаа доволни сили против Словачка и загубија минимално.
„Повторно сребрен медал на Светското првенство во Австрија, овој пат во дисциплината тандем жени. Што би рекле кошаркарите "луѓе што направивме". Македонските чупиња Стефанија Алексовска и Андреа Велјаноска денес се надминаа самите и изиграа во клучни мигови врвно, вистински врвно со исклучителна ментална моќ да одолеат на притисокот, токму она што ни фалеше минатите години. Не само што сум горд туку дефинитивно со овој спортски подвиг напишавме историја. Честитки и пак ќе речам Светското трае до утре, не е завршено“, рече селекторот Игор Михајовски.
За утре се закажани завршниците во сингл-конкуренција, а Стефанија веќе обезбеди место меѓу најдобрите осум.