Михајловски му ја предаде палката на Димитровски, КФМ доби нов претседател

Кугларската федерација на Македонија доби нов претседател. Мандатот на Игор Михајловски истече, а за негов наследник беше назначен Дарко Димитровски, долгогодишен член на Вардар и репрезентативец на Македонија.

„На годишното собрание во Битола, во исклучителна конструктивност на делегатите, извршена е промената на претседателското место. Нека биде со среќа и нека успее визијата за период 2025 - 2030“, стои во објавата на федерацијата.

Дарко Димитровски на чело на федерацијата ќе биде до 2030 година, а неговиот претходник Михајловски ќе биде потпретседател. 

Михајловски функцијата претседател на Кугларската федерација ја презеде во многу тежок период, но и покрај сите проблеми, успеа да го подигне куглањето во Македонија на едно повисоко ниво. Во неговиот мандат Македонија учествуваше на сите големи настани, во сите возрасни категории, а пролетва сениорите забележаа уште еден голем успех и се пласираа во четвртфиналето на Светското првенство во Унгарија.