Михајловски: Македонија има кугларски потенцијал, најмладите се наша гаранција...

Кугларска Македонија по подолго време одново беше дел од светскиот врв, откако женската репрезентација до осумнаесет години зеде учество на Светското првенство, кое што се одржува во Словенија. 

Нашите девојки оставија одличен впечаток на овој шампионат. Во екипна конкуренција застанаа на десетото место, Стефанија Алексовска играше финале, Тамара Талеска се избори за второ коло во спринт, а солиден настап имаше и Емилија Переска.

Алексовска во финалната серија во Крањ собори 514 чуњеви кои ѝ донесоа 21. место. Во спринт Талевска славеше во првото коло против Ана Марија Грдиќ од Хрватска, но немаше среќа во второто и на пенали загуби од Ноеми Будои од Романија, која подоцна го освои второто место. 

Емилија Переска пак иако имаше водство од 1-0 против Нада Полиакова од Словачка не успеа до крај да го изигра и вториот сет, па загуби на пенали и ги заврши своите настапи.

„После долгата пауза од настапи на нашите млади кугларки на големите првенства, радува фактот што имаме потенцијал во наредниот период достоинствено да се носиме со останатите нации и да бидеме конкурентни. Наше ќе биде да обезбедиме што подобри услови и да ги стимулираме клубовите да работаат со најмладите куглари бидејќи тие се нашата гаранција за развој на овој убав спорт“, вели селекторот Игор Михајловски, кој воедно е и потпретседател на Кугларската федерација.

Иско така, Михајловски им се заблагодари на сите спонзори и помагатели кои им овозможија на девојките нивниот сон да се оствари, со учеството на еден вака голем собир.