Михајловски: Арслановски и Алексовска го дадоа максимумот на Светскиот Куп

Надежните македонски куглари Стефанија Алексовска и Архан Арслановски ги завршија своите настапи на Светскиот Куп за младинци во Естонија. Арслановски успеа да се пласира во финалната серија и освои осмото место, додека Алексовска се пласира на дванаесеттото место.

Селекторот Игор Михајловски, кој воедно им е и тренер на Алексовска и Арслановски во Пелистер, ги искажа своите импресии од настапот на своите пулени во Елва.

„Во конкуренција на најдобрите поединци од секоја од четиринаесеттите земји кои настапуваа на Светскиот Куп во Елва (Естонија), македонските репрезентативци пробаа да дадат свој максимум. Единствено Архан успеа да изигра чун подобро од својот рекорд, додека Стефанија беше под своите најдобри достигнувања. Можевме и подобро и повеќе, но тоа е анализа која ќе се прави дополнително. Лично сметам дека Архан даде свој максимум иако во клучни моменти не го послужи спортска среќа, а физичката (не)спремност беше клучна во финалето да не може да ги издржи ударите при три натпревари во рок од 24 часа, стекнувајќи блага повреда која го дефокусираше за позначајна игра иако започна со одличен сет. 

Стефанија мпак, иако технички супериорна, не успеа да се носи со психолошкиот притисок на едно вакво големо првенство и за многу ситни нијанси, најпрво не успеа да влезе во финале, иако покажа зрела игра, за во тандемот да има 290+ од два сета и да изигра лоши трет и четврти сет. Факт е дека македонското куглање во наредните 3-5 години ќе се бори да фати чекор со кугларските нации, во сите возрасни категории. Напорите кои се правеа во овој период беа да им се овозможи шанса за настап на најмладите во ситуација кога Кугларската федерација е во клиничка смрт цела деценија, бидејќи тоа беше невозможно претходно. Без многу силен ентузијазам овој исход ќе беше невозможен. Вложувањето во најмладите е неопходно за нивно кугларско зреење ако сакаме да имаме квалитетна сениорска репрезентација. Потребата од мерки и притисок кон клубовите да имаат младински школи е неопходност. Камповите за млади куглари се неопходност. Стручно усовршување на тренерските кадри во клубовите е неопходно. Колку порано делуваме, толку порано ќе можеме да бидеме конкурентни во вистински смисол, нè чекаат големи предизвици како федерација“, вели Михајловски.

Во конкуренција на држави, Македонија заврши на дванаесеттата позиција, пред домаќинот Естонија и Италија.