Мемеди: Макпетрол може да биде изненадувањето на НБЦ Купот во Романија!

Кугларскиот клуб на Макпетрол минатата сезона си го врати тронот од домашниот шампионат, откако претходно Вардар приреди сензација и за првпат стана првак на Македонија.

Најтрофејниот спортски колектив во нашата држава одлично ја започна новата сезона во Првата кугларска лига, но сега пред себе има далеку поголем предизвик и учество на  XX НБЦ Купот кој ќе се одржи во Клуж. Собирот во Романија за официјалната страница на Македонската кугларска федерација го најави тренер-играчот на Макпетрол Ибрахим Мемеди.

„Нашите амбиции се високи, сонуваме за влез меѓу четирите најдобри екипи. Релаксирано ќе влеземе во турнирот, а фаворитите нека размислуваат дали ќе ја оправдаат улогата. Подготовките течат во одлична атмосфера, сите играчи го даваат својот максимум и задоволен сум од тоа каков пристап имаат на тренинг пред важниот настап во Романија.

Се надевам дека грешките од минатото нема да ги повториме и сега, во случај кога поради сопствени грешки од рака сме го испуштиле пласманот во полуфиналето за 20-50 чуња. Сега мислам дека екипата е зрела, и најважно е дека сите сме здрави и слободно можам да кажам дека би можеле да бидеме фактор изненадување на овој НБЦ Куп. Не би сакал да кажам со кое место би бил задоволен на крајот од турнирот, само можам да кажам дека сме спремни да се бориме со конкуренцијата до последен атом од нашите сили“, меѓу другото рече Мемеди.

Макпетрол својот најголем успех во ова натпреварување го забележа во 2013 година кога на собирот во Германија заврши на второто место. НБЦ Купот во Романија ќе се одржи од трети до осми октомври.