• Горан Упале
Викендов беше комплетирано седмото коло во Првата кугларска лига на Македонија, кое не донесе резултатски изненадувања. Според резултатите дефинитивно најинтересно беше на натпреварот меѓу ГТЦ Мусандра мажи и Пелистер Пин жени, каде за малку не се случи сензација.
Младите кугларки од Битола имаа солиден старт и водство од 0-2, но на крај искуството на домаќинот беше пресудно за пресвртот и победата од 5-3. Вардарци играа помеѓу себе и секако А екипа го доби натпреварот со 7-1. Забележителни резултати имаа браќата Димитровски, а Димитар со 600-ка ова коло е на чело на македонскиот просек во МКЛ.
Првата екипа на Макпетрол беше убедлива со 6-2 против Пелистер 1982 екипа А. Пелистерци имаа лоша претстава, а поените ги добија Михајловски и Колев, додека играч на натпреварот беше Младен Донковски кој со своите 608 се доближи на самиот врв од МКЛ по поединечни просеци.
Макпетрол Б екипа неочекувано лесно ја доби втората екипа на Пелистер со максимални 8-0. Играч на овој натпревар беше Петар Радовиќ со 549 соборени дрва.