Макпетрол со најдобар резултат од македонските екипи во европските купови

Четири македонски кугларски екипи изминатите денови беше дел од најквалитетните кугларски натпреварувања на стариот континент, од кои шампионот Макпетрол забележа најдобар успех. 

На најсилниот по ранг турнир – Светскиот куп во Лудвигсхафен, Германија настапи Пелистер 1982 од Битола, што е прв настап на ова натпреварување воопшто за битолската екипа.

Тимот собори вкупно 3.221 кегли, што беше доволно само да се победат Естонците од KK Ревал Талин. Од вкупно 15 учесници, битолскиот тим заврши на 14-тото место.
Поединечно најдобар резултат имаше Пецо Димовски – 566, а следеа Цане Поповски 560, Игор Михајловски 540, Влатко Трајчески 532 и Благојче Ристески 502.

На Европскиот куп во Вараждин, настапи екипата на Вардар 2014 од Скопје. „Црвено-црните“ соборија вкупно 3.297 кегли, што беше доволно само да завршат пред босански Рудар и француски Класик Дижон. Од вкупно 14 учесници, вардарци застанаа на 12-тото место.

Поединечно најдобар резултат имаше засилувањето на клубот за оваа година, Милојевиќ Милош – 611,  а следеа Дарко Димитровски 570, Марјан Згонц 536, Бранко Митиќ 535, Горг Поп Крстев 532 и Зоран Ристиќ 513.

На НБЦ Купот во Славонски Брод, Хрватска настапија две македонски екипи, Макпетрол и ГТЦ – Мусандра.

Макпетрол забележа одличен резултат и од вкупно 26 екипи се пласира на деветтото место со вкупно соборени 3.396 кегли, додека ГТЦ Мусандра заврши на 21-то место со соборени 3.197 кегли.

Кај Макпетролци најдобар беше Сашко Трпковски со 593, па Александар Соколовски со 588, Младен Донковски со 583 и Ибрахим Мемеди со 572 кегли. Александар Карталаов (67) - Дане Јакимовски (53) заедно имаа 525, додека Владимир Даниловски (60) - Игор Беличански (60) заедно имаа 535 кегли.

Во редовите на ГТЦ најдобар резултат постигна Тодор Манев 568, па по него завршија Менсур Ајдин 548, Димитар Димов 539, Душко Ајдин и Исен Фазлиевски имаа по 523 и Звонко Саздов заврши со 496 кегли.

На овие купови, покрај екипите, учествуваа и неколку македонски куглари кои своите кариери ги градат во странство. 

Бојан Влаќевски одигра одлични 638 за својата екипа KK Запрешиќ и за само 13 кегли не успеаа да влезат во полуфиналето, иако Бојан куглаше последен и успеа да стопи голем дел од негативата против Банчек, кој заврши со 567 кегли за својата екипа Сегед.

Бранко Манев, кој веќе има и хрватски пасош, одигра 592 кегли за KK Запрешиќ.
Натурализираниот Дамир Фучкар, кој воедно е и селектор на македонската репрезентација, одигра 593 кегли за својата екипа, пласирајќи се на петтото место што не беше доволно за влез во полуфиналето.

Димитар Димитровски одигра 606 кегли за својата екипа KK Мертојак Сплит и заедно со натурализираниот Борис Бенедик се единствените македонски куглари кои влегоа во завршницата на еден од куповите, поточно на Европскиот Куп, кој оваа година се одигра во Вараждин. Бенедик игра за Штафелстејн од Германија и имаше 622 кегли во квалификациите.

Во полуфиналните натпревари Димитар Димитровски имаше уште еден успешен настап, носејќи поен за својата екипа со 595 кегли, со што екипата на KK Мертојак Сплит беше поуспешна од KK Београд од Србија со 6-2, исто како и Борис Бенедик, кој имаше 611 и донесе поен за својата екипа во победата од 8-0 против австриски Патрик. 

Денес се играат финалните натпревари на сите Купови, а најинтересно ќе биде на Европскиот Куп, каде што Димитровски и Бенедик ќе играат во различни екипи.