ВИДЕО: Македонските куглари Влаќевски и Манев со Запрешиќ станаа европски шампиони

Македонското кугларство веќе подолго време за жал стагнира, па можеби и назадува, но неколку куглари кои се решиле своите кариери да ги градат надвор од нашата граница, докажуваат дека овој спорт во Македонија заслужува многу поголемо внимание од постоечкото. 

Всушност, изминатиов викенд двајца Македонци станаа европски шампиони во куглање. Бојан Влаќевски и Бранко Манев со својот тим Запрешиќ го искачија европскиот врв и своите фантастични кариери ги закитија со најпрестижниот клупски трофеј на еден куглар. 

Хрватски Запрешиќ во големото финале по голема борба со минимални 5-3 извојува историски победа над ЗП Спорт Подбрезова од Словачка, а нашите куглари беа едни од најдобрите на овој меч. Двајцата одиграа солиден фајнал-фор, а во финалниот дуел Влаќевски броеше до 679, а Манев до 639 „соборени дрва“. 

Сепак, нашата репрезентација која по пауза од шест години повторно ќе биде дел од еден планетарен собир, нема да може да ужива во квалитетите на двајцата куглари, бидејќи боите на Македонија ќе ги брани само Влаќевски, додека Манев веќе има хрватски пасош и реди успеси со „коцкестите“.

>>> ПОВРЗАНО: Македонија по шест години пак ќе има екипа на едно Светско кугларско првенство