Македонските куглари спремни за СП во Полска, Словачка прв предизвик

Кугларската репрезентација на Македонија веќе е стационирана во Полска, каде ќе се натпреварува со најдобрите на светот. Нашите куглари повторно се дел од светскиот кугларски крем и своите настапи ќе ги отворат денес, во натпревар кој може да реши многу работи во групата.

Македонија ќе се натпреварува во групата Ц, каде уште се селекциите на Словачка и Србија. Бидејќи нашиот северен сосед ја има улогата на голем фаворит во оваа групата, шансата на македонските куглари е токму дуелот со Словачка. Имено, елиминациона фаза на овој собир ќе обезбедат двете најдобро пласирани селекции од секоја од четирите групи, што значи дека денес, репрезентативците мораат да го дадат својот максимум и да си ги отворат портите од четвртфиналето на Мундијалот.

Македонската делегација на ова Светското првенство е составена од Дамир Фучкар (селектор и играч), Димитар Димитровски (тренер и играч), Борис Бенедик (Словенец кој долги години игра за Македонија), како и Сашко Трпковски (Макпетрол), Ибрахим Мемеди (Макпетрол), Пецо Димовски (Пелистер) и Душко Ајдин (Макпетрол). 

Дуелот против Словачка македонските куглари го играат денес, со почеток од 15:00 часот, додека вториот натпревар од групата Ц против Србија го играме за два дена (11:30 часот).