Македонските куглари подготвени за нов голем подвиг на СП во Чешка 

По шест години пауза Македонија ќе има свој екипен претставник на едно големо кугларско натпреварување. Благодарение на големите напори на новото раководство на федерацијата, најдобри македонски куглари ќе ја претставуваат нашата држава на претстојното Светско првенство, кое се одржува во Чешка. 

Репрезентативците, предводени од селекторот и играч Дамир Фучкар, денес треба да пристигнат во чешкиот град Рокичани, каде што ќе се одржи овој Мундијал, а веќе утре ќе го имаат своето деби. Селекцијата е составена од 10 искусни куглари, кои во изминатиов период со полна пареа се подготвуваа за овој голем настан. Покрај селекторот Фучкар боите на нашта држава ќе ги бранат уште Борис Бенедик, Димитар Димитровски, Бојан Влакевски, Сашо Трпковски, Ибрахим Мемеди, Александар Соколовски, Младен Донковски, Душко Ајдин и Менсур Ајдин - помошник-тренер).

Стартуваме утре, рано наутро против Полска (08:00 часот), а потоа до 21 мај ќе одиграме уште три натпревари (на 17 против Естонија, 19 мај против Чешка и 21 мај против Србија). 

Македонија последен пат на еден планетарен екипен собир играла во 2013 кога го оствари и најголемиот успех - освојувањето на сребрениот медал.