Македонија загуби од Полска на стартот од СП во куглање

Македонија

Кугларската репрезентација на Македонија загуби на стартот на Светското првенство во Чешка. 

Нашите репрезентативци беа поразени од селекцијата на Полска со вкупни 6-2. Бојан Влаќевски и Сашо Трпковски го отворија светскиот собир за нашиот национален тим, но не успеаја да освојат поен. 

Селекторот и играч Дамир Фучкар несреќно, само за две дрва, пропушти да земе поен во последниот сет, а потоа Александар Соколовски одигра одлично и му одзеде веќе „добиен“ поен на противникот.

Последен беше настапот на Борис Бенедик и Димитар Димитровски, кои сепак не успеаја да направат нешто повеќе за да се избегне почетниот пораз.

За Македонија сега следува дуелот со Естонија, а потоа и мечевите со Чешка и фаворизираната Србија. Приоритетот ќе биде второто место, кое води во следната фаза од натпреварувањето.