Кугларската федерација распиша конкурс за селектори на машката и женската селекција

Откако во последен момент го пријави своето учество на следното Светско првенство во Вараждин, Кугларската федерација на Македонија го направи првиот чекор кон почетокот на подготовките за планетарниот собир.

Имено, новото раководство на федерацијата, која што поради стари долгови функционира со блокирана сметка, распиша конкурс за селектори на машката и женската сениорска селекција.

„Кугларска федерација на Македонија распишува јавен конкурс за избор на: Селектор на машка сениорска репрезентација и селектор на женска сениорска репрезентација. Мандатот на идниот селектор ќе биде четири години. Заинтересираните кандидати треба да достават на kfmacedonia2010@gmail.com:

1. Пријава и CV со кугларски достигнувања
2.  Мотивациско писмо
3. План и програма за работа до СП Вараждин 2023 и концепт за период 2023-2027 година
 
Кокурсот трае заклучно со 22 ноември 2022 година, до 23.59 часот. Пријавите пристигнати после овој термин нема да бидат земени во предвид“, се вели во објавата на федерацијата.

Додека не се назначат новите предводници, за привремени селектори се избрани Димитар Димитровски за сениорите и Перо Гијевски за сениорките.