Кугларската селекција до 18 години испратена на СП во Словенија

По пауза од повеќе од десет години една младинска селекција на Македонија одново ќе биде во друштво на светскиот кугларски крем. Женската репрезентација до 18 години ќе ги одмери силите со најдобрите на планетата на Светско првенство кое ќе се одржи во Крањ, Словенија.

Во текот на летниот период селекторот Игор Михајловски им го пренесе своето искуство и знаење на младите кугларки, кои возвратија со напорна работа и голема посветеност и ангажираност, па подготвени ќе ги пречекаат претстојните предизвици на овој собир.

Непосредно пред заминувањето на Светското првенство, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска се сретна со нашите репрезентативки и нивниот тренер, при што им посака многу успеси во тамошните натпревари. 

Девојките, заедно со тренерот Игор Михајловски, изразија посебна благодарност до градоначалничката Петровска за создадените услови за тренинг и поддршката која ја добиваат од општината. 

Светско првенство во куглање стартува утре (21) и ќе трае до 26 август, а боите на Македонија ќе ги бранат Емилија Переска, Стефанија Алексовска, Ивана Трајчевска, Андреа Велјаноска, Тамара Талевска. 

Сите репрезентативки доаѓаат од Битола, каде и се подготвуваа за планетарниот турнир, во новата модерна куглана која е во склоп на спортската сала „Боро Чурлевски“. Со оглед на фактот што поради долгови на старите раководства, сметката на Кугларската федерација сè уште е блокирани, овој напор на челните лица и селекторот Михајловски им дава дополнителен импулс на девојките да го дадат својот максимум на овој собир.