Кугларите ја „растурија“ Естонија за прва победа на СП

По вчерашниот пораз од Полска на стартот од Светското првенство во Чешка, кугларската репрезентација на Македонија денес го запиша првиот успех на планетарниот собир. 

Нашите момци „бесот“ од стартниот пораз го истурија врз селекцијата на Естонија, која беше тотално надиграна и поразена со перфектни 8-0. Со оваа брилијантна игра, Македонија полека влегува во посакуваниот ритам, затоа што сите куглари имаа одлични резултати и се приближуваат кон посаканите 3.800 вкупно соборени кегли. 

Денешната победа нека биде почеток на сонот на оваа генерација одлични куглари, а тоа е второто место во групата кое води во елиминационата фаза. Утре е слободен ден, кој треба да се искористи за одмор и акумулирање на потребната енергија за одлучувачкиот меч против Чешка, кој е закажан за 19 мај во 18:30 часот.