Кугланата во Битола ќе биде најсовремен лиценциран објект во Македонија

На радост на голем број љубители на куглањето, во тек е целосна реконструкција на кугланата, сместена во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Изведувачот на градежните активности веќе работи во внатрешноста на уредувањето на соблекувалните и тоалетите, а предвидено е, по реконструкцијата, кугланата да има изглед по најсовремени европски стандарди. 

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски го посетија објектот и разговараа за текот на градежните активности со изведувачите. Членовите на кугларскиот клуб Пелистер и нивните тренери, ја посочија важноста од обновувањето на кугланата, затоа што интересот за овој спорт во градот постојано расте. Кугларките од Пелистер се втори во државна лига, а поединечно, Битола има државен првак до 18 години, битолчанката Тамара Талевска. 

Агенцијата за млади и спорт ја финансира реконструкцијата на кугланата со над 14 милиони денари, а директорот Дарко Каевски истакна дека, иако рокот за нов изглед на кугланата е до април следната година, можно е истата да биде завршена и порано. 

Кугланата во Битола ќе биде најновата лиценцирана куглана во Република Северна Македонија, покрај веќе постоечките две во Скопје.