„Кугламе и сме среќни“ - проект кој ќе селектира идни куглари од Битола

Децата во Битола ќе имаат шанса да се запознаат повеќе со куглањето како спорт, благодарение на проектот „Кугламе и сме среќни“, кој е во идеја на ЗГ „Нови перцепции“.

Се работи за афирмирање на кугларскиот спорт во Битола и битолско кој ќе трае од 10 септември до крајот на календарската година. ЗГ „Нови перцепции“ оваа активност ја реализира во соработка со Општина Битола, Општина Могила, Општина Новаци и кугларскиот клуб „Хераклеа“ - Битола.

Проектот овозможува бесплатно да започнат да куглаат 400 ученици кои во учебната 2018/19 година запишале деветто одделение во основните училишта од трите Општини, под надзор и работа на Игор Михајловски, кугларски тренер, специјалист за млади куглари. Сите активности на учениците, вклучувајќи ги тренинзите, обуките, турнирите, гостување во Скопје ќе бидат во целост покриени од страна на ЗГ „Нови перцепции“.

Покрај Игор Михајловски, тренерската работа ќе биде директно раководена  и од страна на тренерите Цане Поповски, Пеце Димовски, Димитар Димитровски, Бојан Влаќевски, Адриана Ангеловски, Александар Соколовски (Македонија), како и од Јован Керецки и Рожа Писар (Србија).

Првиот филтер на кандидатите ќе биде направен после втората недела, каде ќе продолжат 300 ученици кои покажуваат афинитет кон овој спорт. Потоа ќе следат уште два „филтри“, по кои ќе бидат селектирани 100 ученици кои ќе покажат најголем напредок, интерес, афинитет и талент кон куглањето.

Објективните очекувања се групата од 100 куглари да ги научи основите на куглањето, да може да кугла во полни и во чистење, да ги знае кугларарските правила и прописи и согласно нив да се однесува на и вон кугларскиот терен.