„Конечно овие слики да ги сакаме толку многу“: Започна реконструкција на битолската куглана (ФОТО)

По долгогодишната макотрпна борба, битолските куглари можеби ја извојуваа својата најголема победа во историјата и конечно ќе добијат услови за работа какви што заслужуваат. 

Битолската куглана ќе добие сосема нов лик, откако пред неколку дена започна првата фаза од реконструкцијата која вкупно ќе чини 14 милиони денари. Средствата за целосната реконструкција ги обезбеди Агенцијата за млади и спорт, а по завршувањето на сите тендерски постапки, работниците влегоа во кугланата и ги започнаа неопходните зафати. 

Сите куглари и кугларски вљубеници од градот на конзулите, без исклучок, повеќе од две децении цврсто копнееја по нови услови за работа, затоа што битолската куглана наликуваше на сè, само не на спортски објект, каде што младите треба да се запознаат со оваа игра. 

Присуството на задоволство кај членовите на битолскиот клуб Пелистер е големо, а потврда за тоа е последната објава на Игор Михајловски, кој покрај фотографиите од рушената куглана напиша: „Убавина за очи. После толку години конечно овие грди слики да ги сакаме толку многу“.