КФМ забрани куглање во Битола: „Ако не можете да ни помогнете, не ни одмогнувајте“

Иако важи за град со огромна кугларска традиција во нашата држава, Битола може да остане без овој спорт во иднина, откако Кугларската федерација на Македонија (КФМ) забрани официјални натпревари во кугланата при спортската сала „Младост“.

КФМ пред неколку дена ги извести кугларите на Хераклеа дека во најбрз можен рок да ја информираат федерација во која куглана ќе ги играат своите натпревари како домаќини, со образложение дека пријавената куглана „Младост“ , не ги задоволувала критериумите во член 6 од усвоените пропозиции и останатитет акти на КФМ и WNBA – NBC.

На ваквата одлука на федерацијата бурно реагираше битолскиот клуб, кој во последните години, покрај тоа што е еден од најдобрите во Македонија, континуирано настапува и на европска сцена.

Во продолжение, во целост ви го пренесуваме соопштението на КК Хераклеа: 

Почитувани,

„Во пресрет на состанокот на членови на кугларските клубови од Македонија би сакале да го искажеме ставот и гледиште кон предлогот за пропозиции за наредната 2018/19 година. Доколку тенденција е да се исфрли кугланата во Битола (согласно член 6) од официјални натпреварувања, без писмена најава и време барем од 1-2 години за прилагодување, ќе се нанесе огромна штета со тенденција овој спорт во целост да замре во Битола налик на Струга (имајќи ги предвид финансиските, човечките и логистичките ресурси на клубот). Во овие мигови каде што за првпат имаме силна гаранција дека ќе се поместат нештата од мртва точка, Вие можете да го уништите тој процес на кој ние како битолчани упорно работевме изминатите десетина години. Би сакале ова писмо да допре до вас пред кој било да донесе одлука по повод ова прашање. Наше е да посочиме на последиците и одговорноста на секој поединечно кога се носат вака суштинско битни промени. Ве молиме, во име на клубот и во името на сите куглари од Битола, доколку не можете да ни помогнете, да не ни одмогнувате. Работиме во интерес на куглањето и кугларскиот спорт и оваа генерација е жртва на општествените прилики, а тоа не е во наша моќ да го промениме“. 

Кугларски поздрав!

Како што велат од Хераклеа, со оваа одлука на КФМ доведен е во прашање опстанокот не само на клубот, туку и на овој спорт во Битола. Со исфрлување на кугланата од Битола од системот на натпреварувања, битолската екипа ќе мора да игра домашни натпревари во Скопје, што значи целосен колапс согласно ресурсите на клубот.