„КФМ ќе направи секакви напори да не дозволи кугларски клуб да згасне“

Кугларскиот шампионат, исто како и останатите спортови во нашата држава не ја заврши сезоната. Пандемијата со коронавирусот не „дозволи“ македонските куглари да го доиграат првенството, па федерацијата веќе започна да го крои планот за следната натпреварувачка сезона. 

Вчера преку видео-конференција Извршниот одбор на Кугларската федерација одржа состанок со членовите на комисиите, на кој беа донесени неколку важни одлуки.

„Уште еден плодотворен и исклучително конструктивен состанок на Извршниот одбор на КФМ со членови на комисиите. Општ впечаток е дека клубовите имаат потреба да се доуредат правилниците на Федерацијата и почитување на истите од страна на сите. Претседателите на Натпреварувачката и Судиската комисија ги дадоа своите заклучоци и препораки. За таа намена од почетокот на август ќе има работно тело кое ќе ги комплетира недостатоците кои се провлекуваат низ годините. Во време кога спортските клубови ќе се соочуваат со финансиски проблеми, КФМ ќе направи секакви напори да не дозволи кугларски клуб да згасне, што ќе биде голем предизвик. Решено е и со постапката за пријавувањето на македонските претставници на евро-куповите“, информираат од Кугларската федерација. 

Иако сезоната беше завршена предвреме, Макпетрол беше крунисан во првак (20 титула), вицешампион е ГТЦ – Мусандра, додека на третата позиција заврши Пелистер 1982.