Изненадување во Битола: Кугларскиот гигант Макпетрол надигран од Хeраклеа

Кугларскиот тим на Макпетрол, кој 15 години последователно е неприкосновен во домашниот шампионат, со наведнати глави ја напушти Битола, откако забележа тежок пораз од кугларите на Хераклеа. 

Актуелниот бранител на титулата, кој во својот состав има дури четворица репрезентативци, денес целосно беше надигран од битолскиот тим. Хераклеа до значајните бодови стигна, откако славеше убедлива победа од 6-2, со разлика во кегли од 63, а битолчани беа поуспешни и во сетовите 14-10.

„Да се кугла против Макпетрол не е воопшто лесно со оглед на квалитетот на нивните играчи и нивниот професионален однос кон секој натпревар. Се работи за најбогатиот клуб во историјата на македонското куглање, клуб кој ги собира најквалитетните куглари од сите екипи, кои се добро платени и кои имаат меѓународни амбиции, борејќи се за престижните европски титули. Клубот ги поседува скоро сите репрезентативци во сениорска конкуренција и веќе 15 години последователно е непобедлив, а шампионската титула ја освојува секоја година деценија и пол наназад. Но, денес во секој сегмент бевме подобри од Макпетрол, тактички добро и избалансирано поставени, одигравме квалитетен натпревар со екипен резултат од одлични 3.028 што е навистина голема цифра за битолската куглана и што е најбитно бевме убедливи во меѓусебните дуели, недозволувајќи авторитетот да биде пречка во надигрувањето, туку таа фаворитска улога на гостите ја искористивме за дополнителен мотив и концентрација, надмудрување и покажување на кугларската техника“, изјави најдобриот денешен поединец во редовите на Хераклеа, Игор Михајловски. 

По 12 одиграни кола, Макпетрол со 22 бода е лидер на табелата, додека битолскиот тим, на кој КФМ му одзеде шест бода е на четвртата позиција со скор од четири победи и осум порази.