• Горан Упале
Македонските надежни куглари Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски испишаа нова убава спортска приказна, освојувајќи го сребрениот медал во дисциплината тандем микс на Светското првенство за јуниори, кое се одржа во Австрија.
Нашите млади репрезентативци прикажаа одлични настапи во текот на целиот турнир, демонстрирајќи квалитет, борбеност и ментална сила во клучните моменти. Во првото коло тие беа убедливи против естонскиот пар со 2-0, додека во следната фаза го елиминираа романскиот тандем по нерешени 1-1, но со подобра реализација на пенали.
Драмата продолжи и во полуфиналето, каде Алексовска и Јовановски повторно одиграа неизвесен меч против чешкиот пар. По резултат 1-1, победникот повторно беше решен на пенали, а македонското дуо уште еднаш покажа поголема присебност и избори пласман во финалето.
Во борбата за златниот медал, нашите куглари се соочија со силниот пар од Словенија. По напорниот турнир и серијата тешки натпревари, македонските претставници немаа доволно сили за уште еден подвиг и на крајот мораа да се задоволат со среброто.
„Како селектор, тренер и дел од управата на Кугларската федерација на Македонија немам зборови да ја опишам среќата и задоволството за постигнатиот успех на Македонија во младинските категории после 12 години пост од пиедесталот на големите првенства“, кажа селекторот Игор Михајловски.
Овој резултат претставува огромен успех за македонското куглање и значаен чекор напред по подолг период без медали од големите натпреварувања. Алексовска и Јовановски покажаа дека Македонија повторно се враќа на вистинските патеки и дека иднината на овој спорт е во сигурни раце. Инаку, денес Македонија ќе настапи во завршницата во парови, додека утре Алексовска ќе игра во финалниот турнир во сингл во женска конкуренција.