• Горан Упале

Челните лица на Македонската кугларска федерација и покрај промените во протоколите од страна на властите, на последниот состанок донесоа одлука шампионатот од Македонската кугларска лига да мирува и оваа сезона. Кога ќе продолжи истиот ќе биде познато следната седмица, за кога е закажан нов состанок на извршниот одбор.
„На тукушто завршената вонредна онлајн седница на ИО на КФМ, едногласно се одлучи и овој викенд да нема коло на МКЛ, со оглед на тоа дека и претходното беше пропуштено поради новите Ковид мерки и покрај новопротечената информација за враќање на старите протоколи за заштита од пандемијата во спортот. Исто така е одлучено да се следи ситуацијата во секој клуб посебно во однос на здравствената ситуација на сите активни куглари/ки и едногласно се донесе дополнување на протоколот со кој доколку макар и еден куглар/ка од одреден клуб е позитивен-на на ковид-19, натпреварот на таа екипа ќе биде одложен на неодредено време, а со тоа значи нема да важи делот од пропозоциите кој наведува дека одложен натпревар мора да се одигра до почетокот на наредното коло.
Во оваа вонредна состојба во сите сфери на животот, мораме да се прилагодиме на ситуацијата и да се однесуваме одговорно. На наредниот состанок закажан за среда, ќе се одлучи за евентуалниот продолжувањето на МКЛ во зависност од новонастанатите услови“, се вели во соопштението на федерацијата.
Досега во МКЛ се одиграа само две кола, по кои лидер е Вардар со две победи, ГТЦ Мусандра има една победа и реми, додека шампионот Макпетрол е на третото место со еден триумф, но едно коло беше слободен.