И кугларите ставија крај на сезоната, Макпетрол по 20-ти пат шампион на Македонија 

По фудбалскиот, ракометниот, кошаркарскиот, одбојкарскиот и кугларскиот шампионат во Македонија стави предвремен крај на сезоната. 

Оваа информација ја потврди Кугларската федерација на Македонија, откако преку видео-конференција едногласно беше донесена одлука првенството да биде завршено и Макпетрол да биде прогласен за овосезонски шампион.

„Денес заседаваше Извршниот одбор на КФМ и донесе одлука едногласно со шест гласови (претседател, потпретседатели ×2, претставник на Макпетрол, Вардар и 18 Август) МКЛ да се прогласи за завршена, без да се одигра последното 14. коло, со пласман на екипите согласно завршеното 13. коло. Така Макпетрол е шампион, ГТЦ - Мусандра втор, Пелистер 1982 трет, Вардар 2014, ТКС Империал Тобако и 18 Август. 

Кај девојките прва е екипата на ГТЦ Мусандра, а второпласиран е тимот Пелистер Т&С Холдинг.

Исто така поради ситуацијата со коронавирусот традиционалниот Куп оваа година нема да се одржи. На денешниот состанок беа гости претседателите на натпреварувачка и судиска комисија и претставник на женската екипа од Битола“, соопштуваат од Кугларската федерација. 

За екипата на Макпетрол оваа титула е јубилејна 20-та од домашниот шампионат, со што ја потврдува доминацијата и епитетот на најтрофејниот македонски спортски колектив, кога предвид ќе се земат трофеите од домашните првенства.