Хераклеа и Макпетрол во НБЦ, Вардар во Светскиот, а ГТЦ во Европскиот Куп

Кугларскиот вицешампион на Македонија, Вардар во следната сезона ќе се натпреварува во најпрестижното кугларско натпреварување на планетата – Светски Куп, натпреварување коe оваа година ќе се одржи во Запрешиќ, Хрватска. 

Иако се очекуваше освојувачот на двојната круна во изминатата сезона, Макпетрол да биде дел од овој турнир, од раководството на најтрофејниот македонски клуб одлучија во новата сезона тимот да се натпреварува во НБЦ купот, кој е трет по квалитет (по правилата на Светската федерација, клубовите можат да бираат во кое натпреварување ќе настапат).

Ваквата одлука на Макпетрол му зададе голем проблем на битолскиот клуб Хераклеа, бидејќи како финалист на Купот имаше право да игра само во НБЦ Купот, но Вардар и ГТЦ Мусандра му излегоа во пресрет. 

Всушност, со самото учество на Вардар во Светскиот Куп се отвори празно место во Европскиот Куп, па ГТЦ Мусандра одлучи да настапува во ова натпреварување, наместо во НБЦ, со што Хераклеа го доби потребното место да биде дел од најмасовното кугларско натпреварување (НБЦ), кое ќе се одржува во Апатин, Србија.