Хераклеа и Макпетрол пред нов голем дуел – со една нога се во финалето на Купот

Кугларите на Хераклеа уште еднаш докажаа дека оваа сезона играат во фантастична сезона и се пред портите на ново финале во Купот на Македонија.

Вчера, битолските куглари можеби полесно од очекувањето го растурија тимот на Империјал Тобако, кој во оваа Куп-завршница влезе како најдобар во квалификациите. Хераклеа во своите редови ги имаше расположените Пеце Димовски, Цане Поповски и Игор Михајловски, кои тотално ги надиграа своите противници и на својот тим му донесоа висока победа од 7-1. Реванш мечот, кој најверојатно ќе биде само формалност, е закажан за следниот викенд во Скопје. 

Во второто полуфинале шампионот Макпетрол славеше убедлива победа над ГТЦ од 6-2 и како и Хераклеа со една нога веќе е во големото финале на Купот. 

Инаку, Макпетрол и оваа сезона го одбрани трпфејот во домашното првенство и со вкупно 17 титули го надмина рекордот на женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров. Вицешампион оваа сезона повторно е тимот на Вардар 2014, третото место им припадна на кугларите на  ГТЦ Мусандра, додека битолска Хераклеа заврши на четвртата позиција.